Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.
- По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.
Како што објавија медиумите ревизијата на УЈП констатирала нерегулараности во работењето на Комисијата, каде нејзини членови ненаменски трошеле буџетски средства.
Конкретно, во ревизорскиот извештај било констатирано дека на членови од Комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден.