Очигледна е нервозата на ВМРО-ДПМНЕ поради видливото подобрување на состојбите во одбраната. Нервозни се бидејќи Министерството за одбрана веќе не е пашалак на лични и партиски интереси.

ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека по смената на власта во Министерството за одбрана и во АРМ настапија позитивни промени. Буџетот на Министерството за одбрана се зголеми за 15 проценти, а министерката за одбрана успеа да обезбеди 10 процентно зголемување на платите за сите припадници на Армијата. Обезбедени се 90 милиони денари за основна униформа и чизми на сите припадници на АРМ, што со години беше проблем за секој во Армијата. Во изминатите 8 месеци инвестирани се 16 милиони денари во инфраструктурата, а ќе бидат вложени уште 62 милиони денари.

ВМРО-ДПМНЕ е нервозна и поради реформите во одбраната кои ги заборавија и постојано ги одлагаа. Нервозни се и поради неколку истраги врзани за злоупотреби и незаконско однесување. Нервозни се што полека но сигурно се воведува ред, во област во која владееја хаос и партиско-приватни математики.

Таква партиско-приватна математика има и Александар Нацев, човекот што денес ја одржа прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2016 година неговата сопруга била вработена со договор на дело во Воената служба за безбедност и разузнавање која што сега ја напаѓа. Често не доаѓала на работа, но договорите продолжувале. Била ангажирана во архивата на службата каде што имала пристап до сите документи, а тоа и го овозможил нејзиниот сопруг, тогашен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, од каде патем добила и безбедносен сертификат. Ставаме крај на таквото импровизирање и партизација.

Оттаму и нервозата и навиката на ВМРО-ДПМНЕ на пресови организирани доцна попладне неосновано да напаѓа за се што тие интензивно го правеле во претходните 10 години. Времето на тие политики и навики заврши.