Еден од првите министри коишто на почетокот од своето владеење Никола Груевски ги донесе од дијаспората, Глигор Ташковиќ, на својот ФБ профил најави дека наскоро се враќа во Македонија како дел од новата Влада предводена од Зоран Заев.
Ако се разгледа патот на оваа крајно невообичаена информација и одлука на новата Влада да го вдоми овој благонадежен , но неуспешен кадар од времето на Груевски, ќе се види дека тој уште во септември бил дел од македонскиот тим кој го слушал обраќањето на премиерот Заев пред Обединети Нации.
Во февруари Ташковиќ со постирање на фотографија пред новата фасадирана зграда на македонската Влада го најавува своето враќање во Македонија.
На ФБ профилот го прашуваат што бараш во Македонија, да нема нешто ново, да не работиш пак во МК, а тој вели:
,,Да, наскоро, ќе ја објавам мојата нова позиција во новата влада на Македонија, само чекам тоа да стане официјално„,-пишува Глигор Ташковиќ на ФБ.
Дури, некои од неговите пријатели го прашуваат да не е тоа Премиер или Претседател, а тој одговара дека за едното треба да има постојано престојувалиште во Македонија подолго од 10 години, а за другото поддршка од некоја голема политичка партија.
Во друга објава Ташковиќ се фали дека го собрал во ресторан својот стар тим кога бил министер во Владата на Груевски, од 2006-2008 година.