Развиорени македонски знамиња, сплотен народ..Едно име имаме ечеше во центарот на Скопје. Плоштадот Македонија беше претесен да ги собере илјадниците Македонци обединети под македонско знаме кои уште еднаш испратија гласна порака до македонските политичари, но и меѓународните заедници дека нашето име е Македонија, ние сме Македонија. Граѓаните порачуваат наместо да се спроведува дипломатија под диктат, Власта да се обиде да ја обедини нацијата.
Нашиот идентитет, јазик и име не се предмет ниту на договор, ниту на пазарења, Македонија е нашата политичка заедница, а таа не е без идентитет, порачаа говорниците. Упатија низа барања до властите со кои бараат итен прекин на преговорите кои Владата ги води тајно, повлекување на спорниот Закон за употреба на јазиците со кои Македонија станува двојазична, попис на населението, неменување на статустот на Македонската православна црква.
Звукот на зурлата и „Тешкото“ симболично ја прикажаа вековната борба на македонците за самостојност. А со стиховите на Мисирков „Шчо Направивме и шчо треба да направиме за однапред“ беше испратена главната порака дека обединети нема да дозволиме никакво пазарење со македонската историја и нашето име е наше право.
Движењето „Ние сме Македонија” започна во јануари со симболичен собир пред македонската амбасада во Вашингтон каде за првпат беше објавена декларација со која што се бара итен прекин на разговорите за името и поднесување резолуцијата во Генералното собрание на ОН за признавање на уставното име на Република Македонија.