Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои вечерва во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.
Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции, како и за Законот за употреба на јазиците, додека за ДИК, како што посочи, договорено е да се формира по стариот модел односно претседателот да биде на предлог на опозицијата, а мнозинството членови по предлог на Владата.
Во однос на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, истакна дека се уште не се создадени услови за тоа. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели.