Откако по вечерашната двочасовна средба на премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека имал чувство дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието, изјава даде и Заев кој исто така рече дека главна тема била можноста за враќање на опозициската пратеничка група во Собранието.

-Ја разбирам позицијата на ВМРО-ДПМНЕ да не се враќа во Собранието сѐ додека не бидат комплетни, но нашата позиција исто така останува непроменета – немаме намера да влијаеме на правосудството и на одлуките на судот во однос на приведените пратеници за настаните од 27 април лани, рече Заев.

Тој додаде дека со Мицкоски зборувале и за преговорите за името.

-Го информирав Мицкоски и за текот на преговорите за името. И тука нема некое поместување. Разговаравме за нашите стратегии, за намерите во преговарачките процеси. Но, и тука секој остана на своите ставови. Го пренесов ставот на Владата и опциите и нашиот оптимизам, изјави Заев и додаде дека се согласиле пак да се видат.

Додаде и дека ако почне расправата за илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците ќе бидат потребни најмалку 6 месеци за да се завршат сите. Овие амандмани се поднесени за неуставноста и ако се има малку разум ќе се даде можност за законот да се усвои.

„Не смееме да дозволиме Македонија да биде блокирана во следните 6 месеци кои се важни за евроинтеграциите. Тоа значи дека процесите ќе останат блокирани и по самитот на НАТО во јуни. Апелирам на разумност“, рече Заев.

Тој додаде дека и СДСМ кога беше опозиција не се согласувала со некои работи, но, сепак, оставала процесите да течат.