Во Министерството за надворешни работи денеска беше промовирана книгата „Воспоставување на единствен државен протокол на ниво на Република Македонија“ од Санде Смиљанов.
Словенечкиот амбасадор во Македонија Милан Јазбец промовирајќи ја книгата истакна дека таа дава дополнителен квалитет на оние кои го изучуваат протоколот и за оние кои се занимаваат со оваа материја.
- Протоколот теортетски и практично се разгледува како едно длабоко море каде што не се гледа крајот и првиот предизвик е како да се создаде синтеза во тоа море и да се претстави како јасен и логичен дел, за да не биде комплексен туку практично применлив, рече Јазбец.
Според него, протоколот од една страна нема некоја суштина и има некои правила, но без содржина тој не значи ништо, затоа е неопходно да се направи синергија на чистата форма и на содржината.
- Протоколот се гледа од две страни, начин на облекување и на однесување, а од друга страна протоколот значи нешто да се запише, да остане трага за историјата, тоа е пак еден вид синтеза меѓу содржината и чистата форма, посочи Јазбец.
Словенечкиот амбасадор додаде дека оваа книга има и теоретски и практични вештини, односно изобилува со смиреност, умереност и баланс.
- Оваа публикација е книга, учебник, прирачник, лесно е читлива, разбирлива, изобилува со податоци и е методолошки прецизна, рече во промовирањето на книгата вонр. проф. д-р Марјан Танушевски.
Истакна дека прашањето за протоколот во книгата е поткрепено со релевантно и реферненто истражување. Релевантно е, посочи, затоа што се вклучени најважните институции во државата, а референтно затоа што вклучува над сто анкетирани и има сеопфатна стручна литература.
Книгата на Смиљанов се занимава со почетоците, развојот и елементите кои се од суштинско значење за протоколот, за протоколот во институциите во РМ, воспоставување единствен државен протокол, за визијата, мисијата, отпорот и предизвиците во областа.
Протоколот и протоколарната и дипломатска комуникологија се сфера на перманентен интерес на Смиљанов. Трудот „Воспоставување на единствен државен протокол на ниво на Република Македонија“ е плод на тој четиригодишен образовен ангажман. Тој во моментов го привршува својот докторски труд на Институтот за безбедност на Филозофскиот факултет во Скопје, за научното истражување за корелациите на протоколот и одбранбената дипломатија во сегментот на безбедносната политика.