Меѓународниот ден на жената - 8 Март денеска ќе биде одбележан во Македонија. Организирани се низа манифестации и трибини посветени на жената, а вообичаено на овој ден им се подаруваат цвеќе и подароци.

По повод празникот, Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне напладне од од Жена Парк, ќе продолжи преку Камениот мост и плоштадот „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Филип Втори“.

Статистичките податоци говорат дека во Македонија од вкупниот број на население, 49,9 проценти се жени а животниот век им трае 77,4 години во просек. Дури за 4 години во просек живеат подолго од мажите.

Бројот на дипломирани жени во Македонија во 2016 година е 4.787 жени или 58% од вкупно дипломираните, а жени магистри има 1.107 односно 58,9 %. И во двете категории жените се побројни во однос на мажите. Покрај ова во 2016 година се регистрирани и 111 жени докторки на науки.

Вкупно биле вработени 283.834 жени, а кои 74,8 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост. Над 94 проценти од жените се вработени со цело работно време.

Најчесто жените во Македонија се одлучуваат да раѓаат по едно или по две деца, а најчести женски имиња се Јана и Сара.

Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.