Од вкупниот број на население во Македонија, 49,9 проценти се жени. Тие живеат 4 години подолго од мажите, покажуваат податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Според објавените податоци, во 2016 година имало 283.834 вработени жени, а од нив 74,8 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост. Над 94 проценти од вработените жени се вработени со цело работно време.

Бројот на дипломирани жени во Македонија во 2016 година е 4.787 жени или 58% од вкупно дипломираните, а жени магистри има 1.107 односно 58,9 %. И во двете категории жените се побројни во однос на мажите. Покрај ова во 2016 година се регистрирани и 111 жени докторки на науки.

Во однос на слободното време податоците покажуваат дека вработените жени во текот на денот поминуваат 15 проценти на слободни активности, а невработените жени 21 процент.

Од сите домашни активности на жените, 16 проценти отпаѓаат на чистење на станот, а просечно дневно поминуваат по 1 час и 50 минути во гледање телевизија. Оние жени кои имаат деца трошат по 1 час и 57 минути на нивно згрижување.

Во урбаните средини жените просечно дневно поминуваат по 2 часа и 16 минути на забава и култура, што е речиси двојно повеќе од жените во руралните средини кои на овие активности трошат по 1 час и 13 минути.

Жените кои имаат домашни миленици со нив поминуваат просечно по 1 час и 41 минута во текот на денот.