Нема притвор за советникот на министерот за внатрешни работи кој вчера беше уапсен. Обвинителството побарало алтернативна мерка за високиот полициски функционер, па судија на претходна постапка му го одзел пасошот на осомничениот. На советникот на товар му се става дека на лекарка која била предмет на истрага на оперативните служби, ја предупредил дека ја следат и и го преслушуваат телефонот, а наскоро за неа ќе биде ангажиран и андеркавер агент. Средбата се случила во болница во Скопје, на 26 февруари, за осомничената посебните истражни мерки веќе биле во тек, а полицискиот функционер како државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинетот на Министерот,имал безбедносен сертификат “државна тајна”, со што имал и пристап до информациите за следење и прислушување, велат од МВР.

- Очекувам многу скоро во законски утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се казниви дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за било какви потврдeни незаконски активности ќе има нула толеранција. Тоа треба да му биде јасно на секого. Министерството за внатрешни работи нема да толерира загрозување на истраги и постапки – изјави министерот Оливер Спасовски.

На советникот на Спасовски на товар му се става кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, по член 353 од Кривичниот закон за што минимална казна е 3 месеци, односно 5 години. Иако наредбата за апсење на осомничениот ја издаде јавното обвинителство, и по изминати 24 часа од апсењето, скопското обвинителство не излезе со детали за овој случај.