Одделот за интервентна кардиологија функционира тековно и нема застој, се третираат и најтешките случаи. Не е загрозена безбедноста на пациентите. Ова го изјави доктор Жан Зимбаков, директор на Клиниката за кардиологија, кој ги осуди обвинувањата на поранешниот директор доктор Сашко Кедев.
Според д-р Зимбаков, Кедев е сменет од шеф на Одделот за интервентна кардиологија бидејќи покажал негрижа кон пациентите, не доаѓал на утринските состаноци, и бил единствениот кој немал „Мој термин“.
Не беше во тек со пациентите во Интензивна нега и за кои како шеф на интервентна кардиологија требаше да направи проценка и договор за интервенција. Затоа е сменет од шеф на оддел. Одделот и останатите интервентни кардиолози функционираат како досега на ист начин и со иста фреквенција на работа. Не може шефовското место да биде сведено само на интерес за студии и корист од нив. Разликата сега е само што понатаму Одделот ќе функционира и одлучува како тим што е основна препорака на американскиите и европските здруженија, додаде д-р Зимбаков.