Група граѓани вечерва протестираат пред куќата на пратеничката од СДСМ и потпретседател на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски во скопско Бардовци.

Полиција го обезбедува домот на Ременски, каде група насобрани граѓани го искажуваат незадоволството кон пратениците на СДСМ, кои што неделава гласаа за донесувањето на законот за употребата на јазиците, на што жестоко се противи опозицијата.

Според пратеничката зад протестот стои Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, а во групата луѓе се забележани и советници на оваа партија во Општина Карпош.

Ременски пријавила во полиција за протестот и на лице место се наоѓаат неколкумина полицајци. Вели дека за сега нема инциденти.

-Ова е гадно и вулгарно и не е јавен протест. Јавен протест се најавува претходно и се одржува на јавно место, а протест пред нечиј дом значи и закана за живот. Јас за ова ќе поднесам кривична пријава против организаторите на протестот, а знаеме кои се организатори. Дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ стои зад ова. Во групата ги видов претседателот на Општинскиот комитет и советник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски – вели таа за „Фокус“.

Претходните два дена протести имаше и пред домовите на неколку други пратеници од редовите на СДСМ, а беше запален и автомобилот на пратеничката Славица Шуманска – Митева.