Собранието на Република Македонија попладнево ја донесе одлуката за разрешување на пет членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, кои претходно поднесоа оставки.
Претседателот на Антикорупициската комисија Игор Тантуровски и дел од членовите на Комисијата поднесоа оставки откако во извештајот од внатрешната ревизија беа наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари. Оставки немаат поднесено уште двајца членови на Комисијата.
Покрај ова, на денешната седница беа разрешени и претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Од фукцијата претседател разрешен е Александар Софронијовски, а разрешени се и членовите на Комисијата.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека согласно извештајот за работата на Комисијата може да се увиди дека таа не е ефикасна и ефективна и оти навремено не ги разрешува предметите.