Грчката Нацрт-спогодба која содржи предлози за решавање на спорот за името е пристигната во Владата и таа првпат ќе биде разгледана во Скопје, заедно со нацрт-спогодбата подготвена од македонската Влада која им била доставена на грчките власти, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

Според него, нацрт-спогодбите се алатки што можат да бидат од помош во процесот на преговори, но клучен елемент е нацрт-драфт-меѓународен договор што треба да дојде од медијаторот на ОН во спорот Метју Нимиц.

-Ние не можеме да правиме билатерални договори или какви било документи. Процесот се води под покровителство на ОН. Сето друго се алатки што можат да бидат од помош. Може воопшто и да не бидат составни делови на она што треба да биде конечна верзија на меѓународен договор или спогодба со Република Грција. Од тој аспект тоа е нешто што не е ставено на разгледување, ниту е дискутирано, а првпат ќе биде разгледувано на средбата што ќе се случи овде во Скопје. Тогаш можеме да информираме за деталите. Важно е да се посветиме на процесот во функција на негово решавање. Јас сум убеден дека извршната власт, јас лично како премиер, министерот за надворешни работи и другите политички чинители, институциите, но и медиумите, будно ќе го следат процесот, но со аспект на одговорност за да успее, рече Заев.

Тој на новинарско прашање појасни што содржи македонската нацрт-спогодба.

-Во нашата нацрт-спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви меѓународни договори затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите и слично, се уште се на маса за преговори. Така што тие се ставени во разни форми, како што се ставени и од грчка страна. Повеќе станува збор за технички аспекти на формулацијата на договорот. Но, верувам дека на крајот сепак ОН се тие што имаат најсериозна промеморија и искуство за вакви договори затоа конечното решение го очекуваме токму од таму. Деталите нема да ги кажам затоа што, пред се, се од технички аспект на организирање на структура на меѓународен договор, рече Заев.

Тој додаде дека нема ништо ново од последната средба во Виена, односно нема поместување од позициите, а согласно тоа, вели, не може да биде ништо ставено во какви било документи што се на маса за разгледување.

Претставник на македонското Министерство за надворешни работи денеска во попладневните часови во Атина го доставил македонскиот нацрт-договор за решавање на спорот околу името, порача на денешната прес-конференција шефот на македонскатаа дипломатија Никола Димитров.

Нагласи дека на македонскиот нацрт-договор интензивно се работело изминатите денови и потврди дека македонската страна, исто така, го добила грчкиот нацрт-договор.

Истакна дека постојат разлики во македонската и грчката нацрт спогодба.

– Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме, порача тој.

Со ова комуникацијата, што досега се одвиваше претежно низ усен дијалог, Димиров нагласи дека се влегува во фаза на размена на пишани документи.

-Целта е да се најде едно одржливо достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција, рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека со нетрпение и со задоволство ја очекува посетата на неговиот колега од Грција, Никос Коѕијас, кој во четврток ќе допатува во земјава.

За в петок, како што нагласи Димитров, Коѕијас ќе има и повеќе средби со македонскито државен врв, а на 30 март во Виена двајцата министри ќе имаат средба со медијаторот на ОН Метју Нимиц.