Специјалното јавно обвинителство денеска објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоуптореба на службена должност, измама и перење пари.
Ова на денешната прес-конференција го истакна специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.
Првата истрага се води под името „Попис“ против претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, кои се осомничени дека во октомври 2011 искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението и да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението.
Со тоа нанеле штета на Буџетот во износ од 175.123.909 денари.
– Постои основано сомнение дека со цел како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во РМ, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економска состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население во Република Македонија, го стопирале пописот, изјави Фетаи.
Со цел да ја избегнат одговорноста, за која како што посочи Фетаи од разговорите се покажува дека биле свесни, се договориле причините за стопирање на пописот во јавноста да ги презентираат како проблеми од технички карактер и некадарност на Државната пописна комисија.
– Едноставно, осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на тогаш владејачките ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и со тоа и на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството одлучиле дотогаш потрошените парични средства условно кажано да ги фрлат во вода. На тој начин го оштетиле Буџетот во износ од 175.123.909 денари, рече Фетаи.