Во случајот „Моќник“, кој се води против, како што рече обвинителката Фетаи, во тоа време многу влијателен пратеник, беа посочени два случаи на кривични дела – продажба на општинската зграда на Општина Пласница во селото Ижишта и за нарачка на лустрација на судијата Драги Билески. Од досегашните извештаи во медиумите, станува збор за Антонио Милошоски, а покрај него се осомничени и неговиот татко, потоа тогашниот градоначалник на Општина Македонски Брод и други лица.
Фетаи рече дека имало многу кривични дела во постапката со која општинската зграда на Општина Пласница и земјиште станале сопственост на таткото на Милошоски, а во врска со незаконската продажба, потоа првоосмничениот, според обвинителката, нарачал лустрација против кичевски судија. Имено, станува збор за судијата Драги Билески, за кој постои основано сомнение дека бил лустриран по нарачка на Милошоски, бидејќи тој сметал дека го штити градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски, кој се спротивставил на продажбата. Освен тоа, како што рече Фетаи, првоосомничениот пратеник нарачал инспекциски контроли во компанијата на Јахоски – „Пуцко Петрол“.
СЈО почна истраги и за случајот „Актор“, односно за тендерот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, како и за извлекувањето големи суми пари од вработени во компанијата. Првоосомничен во овој случај е тогашниот премиер Никола Груевски, а второосомничен тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и тројца членови на комисија во Министерството и одговорни лица во грчки „Актор“, неговото македонско претставништво и уште две компании за перење пари. Притоа, како што рече Фетаи, Груевски влијаел врз Јанакиески да не биде избрана компанија од Италија, оти во Македонија нејзин претставник бил „комуњар“ а нему повеќе му се „допаѓаат оние од југ“.
Останатите се сомничат за сокривање на парите.