Отчет за трошењето на владините министри и други функционери. Споредбено со периодот на Владата на Никола Груевски помалку пари се дадени за непродуктивни трошоци, вели министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски на денешната прес-конференција во Владата.
Владата на Зоран Заев за шест месеци потрошила 21.890.462 денари, а Владата на Груевски 44.909.835. Разликата во трошењето е 23.019.373 денари.
Толкава е заштедата на парите на граѓаните за само шест месеци и само за работењето на овие шеесетина функционери, рече Поповски. Тој презентирајќи ја Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции преку која е дојдено до ваквите податоци рече дека доколку ваква би била разликата на секои шест месеци, за 11 години колку што на власт беше Никола Груевски, и ако ова би бил некаков просек, заштедата на пари на граѓаните би била 8.207.000 евра.
Граѓаните можат да направат увид и на официјалниот сајт на Владата. Извршната власт апелира и до другите институции да дадат отчет за начинот на трошењето на парите на граѓаните.