Во центарот на славното делчевско село Разловци нагрден од забот на времето и институционалната негрижа, гордо надвиснат над околните куќи, со последните сили на издржливост, ја раскажува историската приказна за едно славно време, Спомен-домот на Разловечкото востание.

Вклопен меѓу селските куќи и малку поткачен на селскиот рид во селото, се издига Спомен-домот на Разловечкото востание. До него водат руинирани скали чии плочки останале малку на број, како сведоштво за раскошниот влез до објектот кои водат преку три нивоа на скалила. Интересните огради од ѕид, како солидно архитектонско решение на кои со големи букви стои напишано „Спомен-дом на Разловечкото востание“, го затскриваат објектот за кој се има впечаток дека ќе биде со несекојдневна архитектура. Но веднаш, додека внимавате каде стапнувате по искршените плочи од скалите и кога ќе се свртите надесно, се отвора зградата пред вас, но од сликата што ја добивате, останува горчина во устата и неверување. Испокршени стакла на влезот од објектот, црни најлони поставени како заштита наместо стаклени прозорци, пропадната фасада и црна хартија на кровот наместо ќерамиди. Руинираниот објект, оставен со децении без грижа да пропаѓа, ја дава жалната слика од она што треба да е уникатна архитектура на објект кој треба да го чува споменот на едно бурно време исполнето со многу солзи и крв, но и желба за слобода.

Ваков е впечатокот на посетителот кој ќе дојде денеска во Разловци. А во ова славно делчевско село, доаѓале посетители од секаде.

Спомен домот-гордост на разловчани

Спомен-домот беше гордост на селото, раскажува 60-годишниот Ванчо Спасевски кој грижливо ги чува клучевите од објектот и се грижи секогаш, кога дојдат посетители, да им го отвори објектот и да им ја раскаже неговата историја и значењето за селото.

-Порано доаѓаа многу посетители, од цела Југославија, но и странци, Германци, Холанѓани. Посебно доаѓаа ученици од поранешните ЈУ- простори, но и од цела Македонија, како и организирани групи пензионери. И денес доаѓа по некој, но и јас се срамам и тие се срамат од она што го гледаат, вели Спасевски.

Тој додава дека во Домот има повеќе простории. Има помала сала за изложба, библиотека, читална, поголема сала за изложби, каде денес се прават и манифестации или семејни веселби во селото, има три канцеларии и тоалети.

- Денес овие простории ги јаде забот на времето. Стаклата искршени и на библиотеката и на салата, место прозорци ставивме црн најлон, а мувлосаните ѕидови и влагата ја покривме со голем постер од Разловечкото востание, црната хартија од кога се стави ка кровот, не протекува, но барем ќерамиди да ставеа, вели Спасевски.

Соселаните на Спасевски, не бираат зборови за да го искажат незадоволството од негрижата.

- Можеа да скратат едно копито од коњите или една опашка од лавовите по Скопје и да го направат домот. Јас живеам веднаш под Домот и секое сабајле се будам со сликата на уништениот спомен за нашите предци. Како може да се остави ваков објект да пропаѓа? Порано викавме и медиуми, новинари, да го снимаат, сликаат, да се прикаже јавно срамот. Но, нема фајде, вели Ѓорги Џабирски.

Изградбата на Спомен-домот

Но, Спомен домот не бил секогаш во ваква жална состојба. Неговата изградба започнала по повод 100-годишнината од Разловечкото востание, кога беше поставен и камен-темелникот, а првата лопата со бетон во темелите ја фрлил тогашниот претседател на Советот на месната заедница од Разловци, Костадин-Дине Спасевски, татко на денешниот чувар на клучевите од Домот, Ванчо Спасевски. По пет години оттогаш се издигна објектот од темелите, а пред точно 38 години, односно по повод 105-годишнината на Востанието, беше пуштен во употреба на голем народен собир од страна на Михајло Апостолски, тогашен претседател на манифестацијата „Гоцеви денови“. По повод пуштањето во употреба на Домот, во селото престојувале млади ликовни уметници од Македонија кои оставиле голем број експонати со тематика од Разловци и околината, но и од славното минато на селото. Тоа била прва ликовна колонија која се чува и денес, како посебна изложба во Спомен-домот. Историскиот музеј на Македонија, му подарил на Домот постојана изложба посветена на Разловечкото востание. Во Домот беше подарена и библиотека со неколку илјади книги, сместени во убава просторија за таа намена што претставува и првата селска библиотека во Општина Делчево.

Автор на објектот е познатиот македонски архитект, Ѓорѓи Константиновски кој за ова архитектонско решение во 1981 година ја доби првата награда која ја доделувал весникот „Борба” за најдобро архитектонско здание на ниво на тогашна СФРЈ.

Архитектот Константиновски разочаран од негрижата

Група студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје заедно со своите професори од Факултетот по архитектура недоамна го посетија Делчево и селото Разловци, за да се запознаат со спецификите на познатото делчевско село, но пред сѐ, со грандиозниот проект на архитектот Константиновски, Спомен-домот на Разловечкото востание. Во групата со студентите беше и авторот на објектот, архитектот Ѓорѓи Константиновски. Неговото разочарување од денешниот изглед на неговото архитектонско чудо беше евидентно.

- Знаете, многу ми е тешко да дадам една позитивна изјава во насока на нешто што се одржува, што се чува, што се гаи, што се негува, разочаран сум комплетно од она што го видов, а тоа значи една голема негрижа на државата спрема она што го имаме како спомен, а спомените се многу важна за една држава, тие се практично историја. Ние на тој начин ја бришеме историјата. Да се навратам пред 40 и повеќе години кога го работев ова дело, би рекол дека мотивот за него беше дел од инспирација. Кога се проектира нешто треба да се види местото и поддржано сето тоа со историјата, ве инспирира што да направите. По мое мислење, овој објект е еден од најубавите објекти што јас ги имам во моето творештво, а ги има многу, вели Константиновски.

Тој додаде дека спомениците сѐ тие што зборуваат за историјата на еден народ.

- Ако нив не ги гаиме, значи се негираме самите себеси и тоа е најлошото и нешто најстрашно што може да му се случи на еден народ. Мислам дека ние Македонците, треба да обрнеме поголемо внимание и со поголема љубов да се однесуваме кон спомениците што ги имаме изградено во името на нашата држава, во името на паднатите жртви, во името за се она што треба да придонесе, за да биде благодет и напредок на целата наша Република. Од она што видов сега треба, архитекти да се ангажираат и тие добро да го прочитаат сето тоа што треба да се коригира и да се поправи. Тоа не би требало да биде проблем за добри архитекти, бидејќи секој добар архитект ќе ја поддржува основата идеја на она што е направено и до крај ќе ја спроведува, како да почнал од почеток. Не би рекол дека од тука или од таму ќе почнеме, би рекол дека целосно треба објектот да се реновира од корен, но да ги задржи неговите својства што ги има, порача Константиновски.

Реконструкцијата никако да започне

Спомен -домот на Разловечкото востание е во надлежност на Министерството за култура, а Националната установа центар за култура „Никола Јонков-Вапцаров“ од Делчево е корисник на објектот. Информациите што ги добивме од делчевскиот Центар за култура велат дека за реконструкцијата на објектот е надлежен Националниот конзерваторски центар, а веќе била предвидена реконструкција во три фази и според пресметката, вкупната вредност за внатрешна и надворешна реконструкција на домот изнесува пет милиони денари. Од најавената реконструкција која требаше да се случи во 2015 година, досега е завршена само поткровната реконструкција со која се стави црна хартија на кровот и ова чинело милион денари, додека најавените покривни плочи кои ќе наликуваат на автентичните, требало да се набават од странство, но до денес, тие не стигнаа во Разловци. Зошто не продолжи реконструкцијата на објектот, не добивме одговор.

Годинава се одбележуваат 142-години од Разловечкото востание

Разловечкото востание е прво организирано вооружено Востание на македонскиот народ за слобода. Разловчани се дигнале против турските зулуми, на 21 мај 1876 година, организирани од идеологот Димитар Поп-Ѓеоргиев Беровски и разловечкиот свештеник Поп Стојан испишувајќи го почетокот на бурниот Предилинденски период во Македонија.

Делчево и Разловци секоја година со посебен пиетет го одбележуваат споменот за славните востаници од Разловци славејќи ја пораката за слобода на македонскиот народ. Но, прославата која се подготвува и за 142-годишнината од Востанието и оваа година ќе ја нагрдува изгледот на Спомен-домот кој треба да го промовира и афирмира споменот за славното минато на разловчани.

Даниела Такева