Неделава во Србија се одржаа повеќе културни манифесации на македонското национално малцинство во Белград, Нови Сад и во Сомбор.
Здружението на Македонци во Белград -„Македониум“ од 22. до 26 мај ја организираше 8-та културна манифестација „Допирот на Македонија“ во чии рамки во чест на празникот Св.Кирил и Методиј се одржа свечена академија, концерт на пијанистката Ема Попивода и традиционалната македонска вечер.
Во рамките на деновите на македонската култура во организација на Новинско издавачката институција - Македонски информативен центар (НИУМИЦ) на 25 мај во Белград во познатата Галерија 73 беше претставено македонското творештво во Србија, меѓу кои и на академик Ристо Василевски, амбасадорот на културата во Србија Зафир Хаџиманов и на писателот Виктор Шеќеровски.
Свечена академија во чест на Св.Кирил и Методиј одржа и Здружението на Македонци од Нови Сад во соработка со јавниот сервис РТ Војводина, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Нови Сад“ од 24.до 26 мај, како и изложба на фотографи и поетска вечер на авторите Драги Неделчевски, Славица Дабавска Ќировска и Стојан Арсиќ од Македонија и вечер на македонскиот фолклор и музика со гости од КУД Бранко Чајка од Тетово и од Србија КУД Виногради од Гудурица и пеачката група Исток 10 од Вршац.
Во Сомбор, Здружението на Македонци од Западно-бачкиот округ „Пела“ во рамките на манифетсацијата СРМА-Србија-Македонија Културна активна размена од 25. до 26 мај, одржа промоција на музичкиот спот на талентираната виолонистка со македонско потекло Мирјана Ѓокиќ - Beautiful Baby - Mia Del Sol, во режија и фотографија на македонскиот дипломец во Србија Андреј Бранковиќ, изложба на икони на Сузана Зунковиќ и книжевна вечер во чест на Коста Рацин и Лаза Костиќ со гостите, познатите српски писатели Радомир Андриќ, Стојан Бербер, Давид Кецман и др.
Во рамките на оваа манифестација писателот и директор на НИУМИЦ Виктор Шеќеровски му ја додели награда „Македон“ за поврзување на македонската и српската култура на Јордан Ѓорчев сопственик на Славјанскиот универзитет М.Г.Державин од Свети Николе. Истовремено, од страна на Славјанскиот универзитет, претседателот на Здружението на писатели на Србија Радомир Андриќ беше прогласен за почесен професор на Универзитетот, за особен развој на културата и уметноста и соработката меѓу Македонија и Србија.