Викендов во Крушево, по втор пат, се одржува Фестивалот „Кога си во Крушево“ (When in Krusevo). Од петокот, па до денеска вечер преку 2000 посетители од земјава и странство се забавуваат, планинарат, летааат со параглајдер и ги запознаваат знаменитостите на градот. На гостите, сместени во кампови околу крушевското езеро домаќините им нудат богата програма.
Димитар Ангелкоски, еден од организаторите на Фестивалот вели дека секој може да избере каква активност сака.
- Фестивалот „Кога си во Крушево“ (When in Krusevo) се одржува по вторпат во околината на крушевското езеро. Започнавме во петокот вечерта и вечер ќе заврши. На отворањето имаше одлична забава. Имаме многу посетители. Камповите се полни. Вчера пристигнаа околу 300 учесници кои планинареа, имаа велосипедска тура. На концертните вечеи се околу 2000 посетители. Планирани се и кајакарење на езерото, јога и активности за најмладите. Денеска на дневен ред се летањата со параглајдер и запознавање на учесниците со крушевската кујна и специјалитетите од ова поднебје. Во сите активности се вклучени и посетите на крушевските музеи и знаменитости. Во секој случај, битно е што посетителите уживаат во Крушево овој викенд, објаснува Ангелкоски.
Меѓу посетителите беа и Ејми Меколдрик од Чикаго, САД и Софија Стојановска од Македонија.
- Јас сум од Чикаго и веќе сум вторпат во Крушево. Возбудливо е да се биде овде, на Фестивалот, да се планинари. Крушево е прекрасен град. Околината, планините, сѐ е совршено за авантуризам. Убаво е дружењето со луѓето од цела Македонија, но и од светот, вели Ејми Меколдрик.
Софија Стојановска смета дека вакви Фестивали ни недостасуваат кои се промоција на туризмот и се актуелни во светот.
- Ми се допаѓа организацијата и како се е направено. Првпат сум на Фестивалот и учествувам во планинската тура. Ќе ги искористам и другите активности и содржини што се нудат. Ми се допаѓа што Крушево се промовира и во лето, освен преку зимата, рече Стојановска.
Според градоначалникот на Крушево Томе Христоски со отворањето на Инфо параглајдинг центарот во петокот кој ќе им ги нуди сите информации на посетителите летово и со Фестивалот „Кога си во Крушево“ симболично ја означува сезоната на авантуристичките спортови. Годинава Крушево очекува за 30 насто зголемен број туристи.
- Ги прошируваме содржините и сместувачките капацитети. Имаме закажано неколку интернационални параглајдинг натпревари како што се: англиското првенство, „ПП купот“, а на 8 јули почнува европското и светското првенство во змејарство. Крушево е веќе на светската мапа за авантуристички туризам, вели Христоски.