Пробиштип е подготвен за петото издание на „Summer festival“. Раде Илиевски од Општина Пробиштип на денешната прес-конференција рече дека оваа година фестивалот се одржува на 27 и 28 јули, а на штандовите ќе се нуди добра скара, ладно пиво и прекрасната македонска музика.

- На 27 јули вечерта ја почнуваме со Ефто Пупиновски, продолжуваме со Наташа Малинкова во доцните часови Бени и Нон стоп, а завршуваме со Тајзи. Наредната вечер почнуваме со Трио Гранде и Бубо Каров, продолжуваме со Емас бенд, а во доцните часови со Куку Леле и завршуваме со диџеј Стефан. Во двата дена водител ќе биде Бубо Каров. Нудиме една добра забава и убав викенд, а се надеваме дека и временските услови ќе бидат погодни, вели Илиевски.

Фестивалот секоја година се одржува на платото на затворениот Градски пазар во Пробиштип, каде што ќе има пет угостителски штандови. Општина Пробиштип за организацијата на настанот од буџетот издвои околу еден милион денари.