Врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека неговата земја нема причина да биде загрижена.
- Земајќи ја обзир нашата моментална ситуација, нема потреба да се грижите. Никој не може ништо да направи. Нека бидат сигурни, нема никакви сомнежи за тоа, посочи Хамнеи.
Тој директно не ги спомна санкциите и САД, но неговата изјава уследи еден ден откако САД воведоа нови санкции кон Иран.
Претходно, шефот на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф изјави дека нема да успее планот на САД за намалување на извозот на иранската нафта „на нула“.
- Ако Американците сакаат да ја одржат оваа невозможна идеја во својот ум, треба да бидат свесни и за нејзините последици. Не можат да мислат дека Иран нема да извезува нафта додека другите тоа го прават, посочи Зариф.
Тој исто така наведе дека преговорите со САД нема да бидат табу, но без дневен ред тие ќе бидат безначајни за Иран.
Зариф истакна дека Иран никогаш не ги отфрлил преговорите како политичко средство, но, тие треба да имаат јасна содржина и цели.