Со предавањето на Стефан Данкомб (Stephen Duncombe), професор по културни студии на Њујорк Универзитетот, во САД в среда во Музејот на современата уметност во Скопје започнува интердисциплинарната програма „Радикално образование”.

Станува збор за интердисциплинарна програма за креирање критички модели на знаење, како и развој и промоција на теоретски пристапи и уметнички практики во, и надвор од Музејот на современата уметност во Скопје. Како што соопштуваат од МСУ, Програмата има тематски фокус на области кои се однесуваат на современите уметнички практики и теорија, културните студии и историјата на уметноста, а нејзини автори се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, соработници на Музејот на современата уметност – Скопје.

- Предавањето именувано „Уметноста на политичката имагинација” ја разгледува моќта на уметноста да ги визуелизира личните и политичките можности, земајќи ја уметноста како влијателно средство како за критика на светот онаков каков што е, така и како визура низ која светот може да се види онаков каков би можел да биде. Во своето предавање Данкомб ќе анализира одредени историски случаи каде уметноста и уметничките форми на активизам се користат во политички цели, како што се примерите на советската авангарда, движењето за американските граѓански права и актуелни примери на уметнички активизам во целиот свет, посочуваат од МСУ.

Данком во неговата работа се фокусира на историјата на масовните движења, алтернативните медиуми како и поврзувањето на културата и политиката. Автор е на неколку книги, а уредник е и на зборникот текстови Cultural Resistance Reader (Verso, 2002). Тој е коосновач и кодиректор на Центарот за уметнички активизам.

Вп рамки на Интердисциплинарната програма „Радикално образование” на 29 и 30 октомври треба да се одржат и работилница и предавање.