Косовската опозиција се надева дека ќе добие поддршка од дел од пратениците од владејачката коалиција во Собранието на Косово, што ќе ѝ овозможи изгласување недоверба за кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.

Генералниот секретар на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Исмет Беќири потврди дека се водат преговори со пратеници од коалицијата, но одби да каже за кои конкретно пратеници станува збор.

- ЛДК се мобилизира за нов изборен процес, изјави Беќири за државната телевизија РТК, нагласувајќи дека „ова е најслабата Влада која некогаш ја водела земјата“.

Тој рече дека доколку се оди на избори, ЛДК нема да ја повтори грешката од минатите избори, кога на својата листа вклучи мали партии, како Алијансата Ново Косово (АКР) на Беџет Пацоли, која подоцна премина на страната на коалицијата, која е сега на власт.