Сакам да ги охрабрам соседите да продолжат со процесите, смело и решително да го направат одлучувачкиот чекор во завршување на обврските од историскиот Договор од Преспа, затоа што нема да постои друга можност, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во изјава по прифатената оставка на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
Алексис Ципрас објасни дека со болка во срцето ја прифатил оставката на Коѕијас, истакна дека оваа одлука, но и одлуката тој самиот да го презеде Министерството за надворешни работи во следниот период е одлука со повеќе пораки, како кон надворешноста, така и кон внатрешноста, но и кон неговата влада, дека нема да толерира „никаква лична стратегија во националната линија на земјата“ и во исто време дека нема да толерира од никој, свесно или несвесно, да го загрози текот на земјата кон излез од кризата.
-Решив во следниот период самиот да го преземам Министерството за надворешни работи и неговата одговорност. Испраќајќи во исто време порака дека овој мој избор е избор што ја сигнализира мојата одлучност да направам сѐ што е во мои раце и да обезбедам успешно завршување на историскиот Договор од Преспа што ја надградува меѓународната улога на земјата, рече Ципрас.