Министерот за Безбедносните сили на Косово (ФСК), Рустем Бериша, на денешната средба со припадници на таа формација од српска националност, изрази жалење што некои од членовите на таа етничка заедница се повлекоа од ФСК, јави дописникот на МИА од Приштина.
Бериша, при посетата на Полкот за цивилна заштита на ФСК во касараната „Млади Европејци“ во Помазатин крај Косово Поле, порача дека „ФСК е институција на сите кои живеат во Косово и ќе биде и натаму мултиетничка институција“.
- Ме радува фактот што ниту еден од оние кои поднесоа барање за демобилизација немаа поплаки што се однесува на третманот, работата или меѓучовечките и меѓуетничките односи во ФСК. Од тој аспект, ме радува фактот дека секојдневно доаѓаат барања од млади лица од оваа заедница за регрутирање во ФСК, изјави министерот на косовските безбедносни сили.
Според соопштението на Министерството, Бериша ги ислушал внимателно дискусиите на припадниците на ФСК од српска националност, кои се однесувале главно на прашања за патувања, тренинзи, унапредувања и други забелешки поврзани со секојдневната работа на институцијата.
Во претходните неколку месеци, според медиумите на албански јазик во Косово, ФСК ја напуштија околу 50 припадници од српска националност.
Косовските власти тврдат дека тоа го направиле под притисок од официјален Белград, кој, освен со јавни изјави на високи српски функционери дека Србите не треба да служат во ФСК, се служел и со закани, преку локални српски моќници во Косово по безбедноста на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства.
Неколку Срби припадници на ФСК јавно излегоа со тврдења дека биле изложени на притисоци од српските власти, меѓу другото и на тој начин што биле задржувани, приведувани и испрашувани од српската полиција на граничните премини меѓу Косово и Србија додека патувале од едната во другата држава.