Мигрантите кои ноќта ја поминаа во близина на граничниот премин Маљевац кај Велика Кладуша, чекајќи да влезат во Хрватска, го пробија кордонот на припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина.
Според сараевските медиуми, во судирите меѓу мигрантите и полицијата има повредени.
Со пробивањето на кордонот, на мостот, кој ги поврзува БиХ и Хрватска, има од 150 до 200 мигранти, а меѓу нив се и жени и деца.
Претходно, полицијата на околу сто метри од преминот постави заштитна жолта лента и им оневозможи влез на мигрантите во Хрватска.
Истовремено, на железничката станица во Бихаќ полицијата го блокираше возот кој пристигна од Сараево и не дозволи излез на патниците, меѓу кои најголем број мигранти. Исто така, блокиран беше и влезот на автобусите кои превезуваат мигранти во Унско-санскиот кантон (УСК).
Портпаролка на Министерството за внатрешни работи на УСК изјави дека по вчерашниот состанок со министерот за безбедност на БиХ Драган Миктиќ, полицијата добила наредба да го оневозможи движењето на мигрантите кон тој кантон. Таа рече дека во тек е состанок на оперативната група за надзор на мигрантската криза, по што ќе има повеќе информации.
Во Бихаќ и други градови на западна Краина моментално се наоѓаат повеќе од 10.000 мигранти кои сакаат да преминат во Хрватска, а оттаму во ЕУ.