Опозициската пратеничка во Собранието на Косово Мимоза Кусари-Лила, во врска со блокадата на Собранието и неможноста да се изгласаат значајни закони, ѝ порача на власта дека треба да биде посериозна во однос на одговорноста која ја има, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според пратеничката и претседателка на партијата Алтернатива, неможноста за изгласување на нацрт-законите говори за тоа колкава е моќта на позицијата во Собранието.

– Присуството на 20 пратеници во собраниската сала повеќе говори за власта одошто за опозицијата. Најголемите опозициски партии имаат објавено бојкот на седниците заради политички причини и го оспоруваат легитимитетот на позицијата поради тоа што нема парламентарно мнозинство, изјави Кусари-Лила за весникот „Епока е Ре“.

Според неа, владејачките партии треба да се мобилизираат и да обезбедат кворум, а ако не можат да го постигнат тоа треба да се оди на нови, предвремени избори.

– Не верувам дека некој од пратениците, било од власта или од опозицијата, се чувствува добро во ваквата ситуација, рече Кусари-Лила, порачувајчи ѝ на власта дека треба да ја понесе одговорноста за тоа за што го добила мандатот.