Во тешко пристапен дел со борова шума во областа Ситонија на вториот крак на Халкидики, грчките пожарникари се уште се обидуваат да го стават под контрола пожарот што изби рано утрово.

Противпожарните сили постојано се засилуваат и според последните информации, во справувањето со огнените јазици учествуваат 80 пожарникари со 40 возила, 4 пешадиски тимови, 4 канадери и 2 хеликоптери.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од грчката полиција, преку соопштение упатуваат апел до граѓаните и возачите во околината на Ситонија да не се приближуват и да избегнуваат да се движат во поширокиот регион на Спарти, за да ја олеснат работата на противпожарните служби.

По наредба на полицијата затворен е и регионалниот пат Вурвуру – Сикиа на вториот крак на Халкидики.

Според изјавите за грчките медиуми на градоначалниците и префектите на зафатените општини од пожарот, за сега не постои опасност за населените места, додека пак на располагање стојат сите државни механизми, како и подготвеност, доколку пожарот го промени правецот и доколку е неопходно да се евакуираат населбите.