Историјата покажа дека менувањето на границите на Балканот е поопасно отколку во кој било друг дел од Европа. Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега, Хашим Тачи, се движат кон значаен договор за нормализирање на односите меѓу поранешната југословенска република и нејзината поранешна покраина, вклучувајќи и прилагодувања на границите и размена на територии. Таквиот напредок би можел да помогне да се расчисти патот за Србија за влез во ЕУ и Косово и да стане формален кандидат за членство. Исто така е оптоварено со ризик.
Детали се уште не се објавени, но јасно е дека двајцата разговарале за размена на северно Косово, претежно населено со Срби, за дел од српската Прешевска долина, во голема мера населена со Албанци. Договорот би можел да стави крај на меѓународната неизвесност на Косово од војната во периодот 1998-1999 година. Независноста која ја прогласи во 2008 година е признаена од повеќе од 110 земји, но, што е најважно, не и од Србија, Русија, Кина и пет земји-членки на ЕУ.
Договорот, ако обезбеди признавање од страна на Србија на нејзината поранешна покраина – и Косово, најверојатно, нема да прифати ништо помалку – ќе помогне поранешната српска покраина да се трансформира во одржлива самостојна држава. Тоа треба да ги поттикне петте членки на ЕУ да ја признаат нејзината независност и да ги охрабрат другите земји на глобално ниво да го направат истото – овозможувајќи му на Косово да се приклучи кон клучните меѓународни институции, како што се ОН и Интерпол. Движењето на двете земји кон членство во ЕУ ќе ги зајакне демократските и економските реформи и ќе испрати поширок сигнал дека интеграцијата на Балканот во евроатлантските институции, иако бавно, продолжува.
Во исто време постојат и повеќе можни замки. Додека западната политика беше за тоа различните етнички групи да се охрабрат да живеат мирно рамо до рамо, решението за Косово кое се разгледува ќе вклучува суштинска етничка размена на територии. Повеќе Срби живеат во јужно Косово, каде што доминираат Албанците, отколку на северот; многумина стравуваат дека ќе бидат одвоени од нивните роднини и важни српски православни манастири. Договорот за размена на територии може да ги поттикне Србите да си заминат од останатиот дел на Косово, претворајќи го во моноетничка албанска држава. Многу косовски Албанци исто така се скептични. Господин Вучиќ и господин Тачи изгледа дека внимаваат на сопствените политички интереси исто колку и на волјата на народот.
Најопасната потенцијална последица би можела да биде тоа што некои лидери и народи во поранешна Југославија – пред се, Србите во Босна – би се охрабриле да се обидат да ги прекројат границите што не им се допаѓаат. Решавањето конфликти, сепак, често пати бара од лидерите да преземат храбри, па дури и чекори кои претходно биле табу. Во овој случај, ако претседателите можат да постигнат договор, потенцијалните придобивки – за Косово, Србија и поширокиот регион – се доволни за да се заслужи внимателна меѓународна поддршка.
Официјални претставници на САД и ЕУ се загреваат за планот. Иако Ангела Меркел, германската канцеларка, ја критикуваше идејата, се чини дека позицијата на Берлин омекнува. Косовскиот договор би можел да го зајакне чувството за обновен импулс во справувањето со незгодни прашања на Балканот. Македонскиот Парламент турка напред со ратификување на договорот за решавање на 20-годишниот спор со Грција во врска со името на земјата, и покрај разочарувачкиот одѕив на референдумот за ова прашање минатиот месец.
Господин Вучиќ и господин Тачи, сепак, треба да ги намалат впечатоците за поделеност и напорно да работат за да ги придобијат своите народи и политички естаблишменти. Исто така е важно ЕУ и другите земји да продолжат со соодветно признавање и поттик, ако има пробив. Ова ќе обезбеди договор кој промовира мир и стабилност – не повторна поделба – во проблематичниот регион.
Фајненшл Тајмс – Лондон