Албанскиот премиер Еди Рама денеска од собраниската говорница призна дека Владата првпат од моментот кога е избрана, има проблем со шефот на државата Илир Мета, кој се поврзува со непотпишувањето на указот за именување на Сандер Леши за нов министер за внатрешни работи.

– Многу од нас во салава гласаа Илир Мета да биде претседател. Тој ден немавме апсолутно мнозинство што го имаме денес, но бев целосно убеден дека Илир Мета е најсоодветен кандидат во околностите кога требаше да биде избран за претседател на Републиката. Од влегувањето во претседателската резиденција целосно го оправда нашиот глас: го почитуваше Уставот и го одмеруваше кажаниот збор. Но, од сабота вечерта, имаме проблем со претседателот создаден од претседателот, изјави Рама.

Според него, никој нема право да го попречува вршењето на уставниот мандат на Владата и оти обврска е на претседателот да го потпише указот без никакво толкување.

– Му го испратив указот за еден министер, кој според Уставот претседателот нема надлежност да го отфрли, туку да го потпише. Освен 12-те надлежности кои Уставот му ги дава има и други обврски, како што е онаа дека треба да го потпише указот за состав на Владата и за именување на секој нејзин член, по предлог на премиерот, и тоа во рок од седум дена. Јас искрено не разбирам зошто претседателот смета дека е неопходно да се повтори, дури и со формална изјава дека тој нема да дозволи никаков обид некој да го оспори неговиот авторитет, додаде Рама.

Сепак, според Рама, тој не ја изгубил довербата во Мета.

– Не сум ја изгубил довербата во претседателот. Се уште го нема кажано последниот збор иако рокот измина. Кризата во земјата не е политичка, туку уставна и ќе направиме се да најдеме решение, изјави Рама, додавајќи дека е потребно трпение за изнаоѓање на решение.

По говорот на Рама, кој траеше петнаесет минути, пратениците од мнозинството го усвоија указот за разрешување на досегашниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај, што се отвора патот Владата да го усвои предлогот Сандер Леши да биде именуван за заменик министер.