Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес има само бесплатни вакцини против грип. Набавените 450 дози по цена од 650 денари, поради големиот интерс се потрошиле уште вчера за рекордни три часа.

Како што информира за МИА,Тони Димитриев директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје, тие од надлежното Министерство за здравство годинава за неколку општини од Повардарскиот регион како Неготино, Кавадарци, Гевгелија, вклучувајќи го и Велес, добиле вкупно четири илјади вакцини, од кои најголем дел три илјади за бесплатна вакцинација, а само илјада со плаќање.

Од тој број илјада вакцини биле за велешкиот регион, а од кои само 450 со плаќање.

Процедурата за добивање на бесплатна вакцина е старост над 65 години и пензија до 14.480 денари, а тој при тоа треба да приложи повеќе административни белешки,а да има и посета кај матичен доктор и закажан „Мој термин"

Тоа било и една од причините за помалиот интерес за бесплатните вакцини досега.

Димитриев појаснува дека тие денеска се упатиле со барање до Министерството за здравство во оваа категорија за бесплатни вакцини да влезат регистрираните инвалидизирани и други лица на кои им е неопходна вакцина против грип, а не се во материјална можност да се вакцинираат.

– Со тоа се надеваме, а во интерес на здравјето на социјално ранливите категории дека од надлежното Министерство за здравство што поскоро ќе го одобрат нашето барање и ќе ни овозможат со нив бесплатно да вакцинираме против грип што поголем број на граѓани: како инвалидизирани и лица и со нарушено здравје,од социјално ранливите категории,а кои не се во можност да издвојат пари за вакцина, потенцира Димитриев.