Експерти од Хрватска и Романија од денеска во Пробиштип им помагаат на македонските колеги, како да го поминат периодот и што се треба да реализираат за прогласување на Лесново за геопарк.

Горан Радониќ од хрватскиот геопарк „Папок“, кој денеска е во Пробиштип посочува дека процесот е долг, но оти мора се да се предвиди и заврши се во утврдениот рок, бидејќи прогласувањето на Лесново за геопарк значи и брендирање на овој регион. Со тоа, додава, економски бенефит ќе има населението, но и туристички комплекси кои работат во овој регион.

-Што е геопрак? Тоа е всушност простор кој има исклучителна геолошка вредност на различни видови на карпи. Но, исто така и некаков програм на одржлив развој на тоа подрачје, базирано на развојот на геотуризмот, преку развој на гео локални производи – вели Радониќ.

Македонските експерти забележуваат дека станува збор за подрачје, кое ќе ги опфати Лесново, но и поширокото подрачје на камените кукли во Кратово, а карпите и вулканските бомби се стари 30.000 години.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов гледа шанса за економски развој, но и за развој на туризмот во овој регион. Доколку се оди според предвиденото Лесново ќе биде вториот геопарк на Балканот, а во европското семејство на геопаркови под заштита на УНЕСКО се вкупно 75 вакви паркови.