Едностраната одлука на властите во Приштина за зголемување на царините за артикли од Србија и од Босна и Херцеговина повеќе не е прашање за Србија, туку за меѓународната заедница – дали воопшто ќе го испочитува принципот за кој говорат, изјави шефот на српската дипломатијата Ивица Дачиќ.
Тој коментирајќи го за Радио телевизија Србија (РТС) едностраното зголемување на таксите, за кое од Косово побара објаснување и од ЕУ, истакна дека „станало правило да се случуваат разни инциденти“ секогаш кога ќе се најави некоја можност за продолжување или за напредок во дијалогот.
И тоа повеќе не може да биде случајно. Тие не сакаат напредок и компромис. Во практична смисла сакаат да не мораат да разговараат и да се вратат на старата позиција дека сé е решено, посочи Дачиќ.
Тој додаде дека зголемувањето на таксите „е нешто што не може да се игнорира“ и оцени дека сега се поставува прашањето за тоа што прави Србија во процесот на преговорите, што е со кампањата на комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Јоханес Хан, кој говори за единствена економска област на Западен Балкан.
Коментирајќи ја пораката на косовскиот министер за надворешни работи Баџет Пацоли дека реакцијата на Приштина „е пропорционална мерка против дивата кампања на Србија“, Дачиќ праша дали властите во Приштина сметаат дека по овие мерки Србија сега ќе го признае Косово.
Дачиќ, исто така, наведе дека српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во моментов е во Хелсинки, ќе разговара за одлуката на властите во Приштина на работните средби со Ангела Меркел, Себастијан Курц и другите европски официјални претставници.
– Не очекуваме некој да навива за Србија, но ако беше договорено да се продолжи со дијалогот со Приштина до крајот на оваа недела, што тогаш значи ова, праша Дачиќ, и рече дека Србија е подготвена за разговори.
Тој на денешната заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Унијата на Коморските Острови во Индискиот Океан, Суеф Мохамед Ел-Амини изјави дека оваа острвска држава го повлекла признавањето на Косово. Таа е десета држава која го повлекува признавањето на Косово.