Пред голем број претставници на средните и на основните училишта, пред граѓански здруженија и од прилепската локална самоуправа, во Прилеп се одржа работилница за „Еразмус +“ програмата на ЕУ. Организатори на оваа работилница, воедно и инфо ден, се Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и општина Прилеп. Подетално беа презентирани правилата и значењето на „Еразмус+“ програмата, можностите за вклучување како и примери на добри практики на веќе реализирани проекти.

Според Александар Гочев од Националната агенција за европски образовни програми, многу е битно е да се искористат сите можности што ги нуди програмата, но и средствата од европските фондови.

-Денеска претставуваме голем број активности на кои работи Националната агенција, ги презентираме можностите за аплицирањето во „Еразмус +“ програмата во делот на индивидуалните активности, стратегиските партнерства, како и мрежите кои го опфаќаат образованието, како една од основните гранки на програмата. Да се надеваме дека присутните ќе станат и потенцијални корисници, а со тоа ќе се зголеми искористувањето на европските фондови. Инаку, девет милиони евра е буџетот на Националната агенција за европски образовни програми преку програмата „Еразмус+“, за унапредување на наставниот кадар и учениците преку индивидуална мобилност.Овие средства се предвидени до крајот на годинава, објаснува Гочев.

Борче Јанкулоски, од Одделот за локален економски развој на општина Прилеп нагласува дека локалната самоуправа настојува со своите постапки да ги поттикне институциите за успешно аплицирање и имплементирање на проектите преку Националната агенција за европски програми и мобилност.

-Во моментот Општина Прилеп изготвува правилници преку кои ќе им помогнеме на високо- образовните институции, и невладиниот сектор правилно да аплицираат за проектите и да станеме лидер во искористувањето на европските фондови, како и да се стекнеме со нови знаења, рече Јанкулоски.

Главната цел на „Еразмус +“ програмата е да одговори на повеќето предизвици кои се однесуваат на борбата против зголемувањето на невработеноста, особено меѓу младите лица, развој на социјалниот капитал, промоција на систематски реформи, активно граѓанство и развој на спортот и спортските активности.