Лидерот на најголемата албанската опозициска партија, Демократската, Љуљзим Баша, на денешната прес-конференција,зборуваше за „црвена линија“ во случајот со прашањето околу уривањето на објектите во населбата „Астир“ заради изградба на новата голема обиколница во Тирана.

– Доволно е вистина за да се разбере дека ова е трагедија не само за овие луѓе, туку и за стотици деца.Тоа е црвена линија што ја загрозува судбината на секој Албанец и домот на секој Албанец. Фактите се тука, нема потреба од толкување. Веќе две недели (премиерот Еди) Рама и неговите варварски пропагандни кругови ја трујат јавноста со измами, рече Баша.

Тој обвини дека изградбата на обиколницата претставува „корупциска афера на премиерот Еди Рама“.

-Изградбата на големата обиколница е мега корупциска афера, варварски акт кој се прави само за да се наполнат џебовите на Рама. Се е договорено од Рама. Повеќе од илјада семејства се под закана, поради што неправедно ќе бидат урнати 317 објекти, обвини Баша.

Искажувајќи целосна поддршка за жителите од оваа населба, тој најави дека и денеска ќе биде со нив на протести.

-Денеска во 17 часот ќе бидам повторно со нив на протест. Ќе бидам заедно со нив со парламентарната група, со секој граѓанин кој е против овој криминал на Владата. Не чекајте неправдата да дојде пред вашата врата, бидејќи тогаш ќе биде многу доцна, порача Баша.

Баша беше на синоќешниот протест на опозициски пратеници и на протестот пред Парламентот вчера, во кој беа повредени 15 полициски службенци.