Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак на денешната средба во Белград ја поздравија изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, во која тој ги повика властите во Приштина да ги укинат таксите за производи од Србија и Босна и Херцеговина.
Александар Вучиќ и Игор Црнадак истакнаа дека подигнувањето на таксите претставува јасно кршење на ЦЕФТА и ССП договорот и се согласија дека е неопходно Србија и БиХ да продолжат со координирани активности за укинување на таксите.
„Двајцата соговорници ја поздравија изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео во која тој ги повика властите во Приштина да ги укинат даноците за стоки од Србија и Босна и Херцеговина”, соопштија од службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.
Вучиќ изрази благодарност поради тоа што БиХ на Генералното собрание на Интерпол гласаше против приемот на Косово, се вели во соопштението.
Српскиот претседател истакнал дека Србија е посветена на добра и активна соработка со своите соседи, како и дека го поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина со јасно почитување на Дејтонскиот договор и почитување на интересите и интегритетот на Република Српска, се додава во соопштението.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео по синоќешната средба со косовскиот претседател Хашим Тачи, го повика Косово да ја искористи единствена можност да постигне “историски договор” за нормализирање на односите со Србија во рамките на дијалогот под покровителство на Европската унија.
„Тој ги повика косовските власти да ги укинат таксите за увезената стока од Србија и БиХ и да соработуваат со Србија за да ги избегнат провокациите и да ги намалат тензиите”, се вели во соопштението.
Американскиот државен секретар изјави дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е единствениот пат за „понатамошна интеграција на двете земји во Западната заедница на држави” и додаде дека САД се подготвени да им помогнат и да ги поддржат и двете страни за да се постигне трајно решение.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа на РТС изјави дека САД се „мајка и тато” на Албанците и дека другите западни земји им се „стрини и тетки”.
Тој истакна дека и тој има тетка и дека на Албанците тетки им се Англија, Франција и Германија, додека САД им се мајка и татко.
Како што изјави, Србија во овие услови се бори со сите сили, и има поддршка од Русија и Кина и други земји “, кои се се повеќе и повеќе”.