Речиси двојно повеќе мигранти и бегалци од предвидениот капацитет има на грчките острови што се наоѓаат во близина на Турција и кои што се први на „удар“ на мигрантските бранови. Токму ова, односно подобрувањето на сликата на Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос и префрлање на бегалците и мигрантите од островите во другите делови на Грција, како и разбивање на мрежите на криумчарите и згрижување на оние кои пристигнуваат во Грција, се главните прашања на кои работи грчкото Министерство за миграциска политика, според надлежниот министер Димитрис Вицас, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за миграции на Грција од вчера е во дводневна посета на северниот дел на земјата за одблиску да ја види ситуацијата со мигрантите и бегалците.
-Во фазата во која што се наоѓаме сега, главната грижа на Министерството е од една страна да се намали притисокот на островите и овој план доста добро напредува. Сега, повеќе се фокусираме на Самос, без секако да го оставиме Лезбос, но и Хиос, Лерос и Кос. Второто прашање се пристигнувањата од Еврос. Многу пати имам кажано дека пристигнувањата од Еврос во 2018 трипати се зголемија и треба да се справиме со ова. Особена тежина паѓа на нашите луѓе што работат во Северна Грција. Едно од прашањата е да можеме да ги згрижиме луѓето што доаѓаат, брзо да ги завршиме процедурите. Едно друго прашање кое што треба отворено да го кажеме е дека мораме да ги разбиеме мрежите на криумчарите, рече Вицас во изјава за медиумите и додаде дека постои добра соработка со Турција, особено во Еврос каде што брановите мигранти и бегалци „се намалени во споредба со пролетта и летото оваа година“.
На грчките острови Лезбос, Хиос, Самос, Лерос и Кос, според официјалните податоци од грчката влада, заклучно со 25 ноември, сместени се вкупно 15 718 бегалци и мигранти. Објектите и просториите предвидени за нив, се со вкупен капацитет од 9050 места.
Особено тешка, како што спомена и министерот за миграциска политика на Грција, е ситуацијата на островот Самос. Според податоците, прифатниот центар за идентификација на мигранти е со капацитет од 648 места, а сместени се 3817 лица.