Во рамки на кампањата „Недела на хуманост, дарувај со љубов“ во Делчево е отворена ликовната колонија преку која свои творби изработуваа лицата кои престојуваат во Дневниот центар за лица со посебни потреби.

Како што истакна Методи Толевски, директор на НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, активностите се спроведуваат во соработка со ученици од двете делчевски деветолетки

-Денеска почнува со работа ликовната работилница која се одржува по повод “ 3 Декември – Светски ден на лицата со хендикеп“. Учество зедоа ученици од деветолетките Ванчо Прке и Св.Климент Охридски како и лица од Дневниот центар во Делчево. Покрај тоа што ќе цртаат и сликаат, тие ќе имаат доволно време да се запознаат, дружат и разменат искуства, преку оваа колонија и преку овие настани кои ќе следат се до 3 декември, сакаме да испратиме една јасна порака до сите институции, дека децата со свои потреби имаат свои потреби, тие се наша реалност но и наша обврска да покажеме желба, овие лица да се интегрираат во средините каде живеат, рече Толевски.

Во активностите се приклучија и млади уметници од гимназијата „М.М.Брицо“, а ликовната колонија се реализира и со голема поддршка на професорите по ликовна уметност и ликовниот уметник Петар Атанасов-Пепи,.

Неделата на хуманоста е во организација на Општина Делчево, здружението „Бравура кооператива“, образовните институции од Делчево, Центарот за култура „Н.Ј.Вапцаров“ и Јавната локална библиотека „Илинден“.