Изложба на скици за мурали, графити интервенции и нацрти за идни интервенции на урбани и соодветни локации на подрачјето на општина Крива Паланка се претставени на изложбата поставена во локалната установа Градски музеј, Крива Паланка.

Активноста ја организираат Центарот за современи уметности и здужението Центар за младински иницијативи ЦИК-ЦАК – Крива Паланка”, како дел од проектот “Креативни заедници” на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

-Крива Паланка изобилува со јавен простор, јавни површини и изложени ѕидови со и за графити, мурали и слични места кои се на удар на погледите на минувачите, а за жал се неуредени, запуштени, а некогаш и полни со навредливи пораки и графити. Идејата на иницијативата е разубавување на пејсажниот амбиент во Крива Паланка, со цел детектирање на подобни за оваа активност јавни простори и површини во градот и разработка на идеи за освежување и рехабилитација на овие простори преку уметнички интервенции од типот на мали уметнички акции за уредување, бришење на навредливите графити и нивна замена со нови колоритни и креативни како и разработка на идеи за мурали и слични интервенции, изјави Димитар Петровски од ЦИК-ЦАК.

Покрај изложбата на скици од локалните млади автори, се одржа концерт на акустична гитара на млади музички таленти од Крива Паланка.

-Ова е прва фаза од активностите,по што следи евалуација на понудените идејни решенија и избор на неколку од нив за реализација. Ќе се одредуваат и локации за уредување, а веќе е направен еден графит во дворот на музејот, дело на сестрите Натали и Сара Велески, додаде Петровски.

Рече дека целта е да се анимираат млади и талентирани уметници од градот, наивци, аматери и професионалци, сите да дадат свој допринос кон разубавување на јавните простори во Крива Паланка, истовремено оставајќи свој белег, печат, но и да се промовираат пред пошироката јавност.