Петрит Зифле, 63-годишен мигрант од Албанија што работел на фарма на островот Крф во Грција, убиен е од 44-годишен локален жител по расправа за името на Македонија во кафеана. Расправијата се пренела и на договорот за морската граница меѓу Грција и Албанија, кој се однесува и на водите околу Крф.
На 25 ноември попладнето Зифле, познат меѓу мештаните како Петрос, се вмешал во гласното дебатирање на соседната маса, на која при аргументирањето за Македонија биле клеветени и расно навредувани сите негрци. Петрит возвратил, при што дошло до кошкање, за на крајот да бидат разделени, а жртвата си заминала од локалот испратена со пцости и закани од неговиот убиец.
Подоцна членот или симпатизер на Златна зора му направил заседа на Зифле, го убил со ловџиска пушка и телото го фрлил во ендек покрај локалниот пат меѓу Драготина и Спартера, три километри од Лефкими, каде што се случило убиството. Таму и е најден трупот следното утро од локален жител што поминувал со автомобил.
Полицијата за пет дена го расветлила настанот, откако попусто го пребарувала морското дно во близина во потрага по оружјето, но на вистинската трага ја одвело делче од пушката најдено на местото на злосторството. Сторителот го признал делото и е приведен.
Грчката полиција неколку дена го истражуваше убиството, без да изнесе детали за поводот за нападот врз Зифле, за дури денес да биде објавена причината.
Албанската телевизија Топ Ченел јавува дека убијците биле припадници на грчката нео-фашистичка група Златна Зора, а дека извршителот е 44 годишен Грк од Лефкими кој бил дури и кандидат за пратеник на Златна Зора.