Дел од теракотните икони од Виничкото Кале се претставени на самостојна изложба во Белград, како дел од програмата на Деновите на македонската култура.
Изложбата е резултат на соработката меѓу музејот „Теракота“ од Виница и Здружението на Македонците во Белград „Македоникум“, а избран е изложбен простор во Скадарлија, еден од најфреквентните квартови во центарот на српскиот главен град.
-Овде се претставени 12 оригинални теракотни икони што потекнуваат меѓу третиот и седмиот век, а беа откриени во 1985 година, односно во периодот кога започнаа првите истражувања на Виничкото Кале. Освен тоа, изложени се и реплики правени според калап на иконите чии оригинали се чуваат во Археолошкиот музеј, а преку фотографии и соодветен рекламен материјал претставени се уште две икони кои ги чуваме во нашиот музеј, истакна Јулијана Иванова, директор на музејот „Теракота“.
На отворањето на изложбата беше нагласено дека во археологијата ретко на едно место се открива ваква збирка што е тематски поврзана и е претпоставка за почетоците на христијанската иконографија и прикажувањето на Библијата.
-Нашето здружение годинава одбележува десетгодишен јубилеј, а Деновите на македонската култура ги организираме седми пат. Главна цел ни е да ја претставиме Македонија во сите бои и домени, а горди сме што токму со оваа изложба во најдобро светло го презентираме нашето културно и историско богатство, истакна Елисавета Стојановска Јовановиќ, претседател на Здружението „Македоникум“.
Изложбата на виничките теракотни икони се организира со поддршка од Македонската амбасада во Белград, како и од Министерствата за култура на Македонија и Србија, а ќе трае до крајот на оваа недела.