Вонредната седница на Собранието на Косово, свикана на барање на опозицијата за расправа за „неуспехот на Владата да обезбеди визна либерализација“, доцна попладнево е откажана поради неприсуство на пратениците од владејачките партии, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеничките групи на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ) побараа вонредна собраниска седница поради „неуспесите на владејачката коалиција кои кулминираа со неисполнување на ветувањето за укинувањето на визите“.

Собраниското претседателство ја свика седницата за попладне во 16 часот, но во пленарната сала немаше доволен број пратеници за таа да се одржи.

Барањето на опозициските партии уследи по изјавата на комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, вчера во Приштина, дека „реално време за визна либерализација за Косово е 2020 година, иако е можно да се случи и нешто порано“.

Премиерот Рамуш Харадинај на барањето на опозицијата одговори дека е непримерено да се обвинува Владата на Косово заради доцнењето на Брисел во извршувањето на својот дел од обврските, затоа што, според него, Приштина го има завршено тоа што се бараше од неа како услов за визна либерализација.