Во Хонг Конг од 5 до 20 декември се одржува изложба на скулптури на академскиот скулптор Алексадар Ефтимовски, насловена „Continuity” со која завршува неговиот петмесечен академски престој во Хонг Конг.
Ефтимовски, за време на престојот при Факултетот за визуелни уметности на Универзитетот Лингнан, предаваше различни техники на изработка на скулптура. Како дел од резиденционалната програма на Универзитетот, покрај предавањата, Ефтимовски работеше и на свои скулптури – апстрактно геометриски, кои ги постави на изложбата.
Името на изложбата во Хонг Конг со наслов „Continuity” го претставува континуираниот пат на творење на авторот. На изложбата покрај делата на Ефтимовски се изложени и скулптури, создадени од неговите студенти во периодот на неговиот престој.
Александар Ефтимовски своето ликовно знаење го стекна на академиите за уметност во Фиренца и Карара, Италија. Неговото творештво во голем формат е поставено во повеќе од 15 градови низ светот. Дел од неговите дела се откупени во колекциите на NAMOC (Национален Музеј на уметност на Кина), International Art Exhibition Xi’аn, како и поголем број на приватни колекции во Германија.