Не ја злоупотребувајте темата со македонскиот јазик, тоа може да ве чини членство во ЕУ и НАТО – Официјална Софија директно му се закани на македонскиот премиер. Изјавата на Заев од собраниската говорница дека македонскиот јазик сега ќе се изучува и во Грција, а преспанскиот договори не може никој да го оспорува, ги налути бугарските власти. Вицепремиерот Каракачанов му порачува дека нема да дозволат компромиси со бугарската историја, нарекувајќи го македонскиот јазик бугарски дијалект, пренесува Телевизија Алфа
-Од договорот не произлегуваат правата кои Заев вештачки си ги препишува. Македонскиот јазик кој не е признат од никого, не може да биде официјален на територија на целата Северна Македонија. Овој термин е географско име кое ги вклучува тековните земји од Република Бугарија. Г-динот Заев, со оваа широчина утре, може да побара употребениот, сосема идентичен бугарски дијалект да се изучува како официјален странски јазик и кај нас. Ова е неприфатливо. Ова е провокација “, вели Каракачанов.
На иста линија и министерката за надворешни, Захариева, требало да бидат избришани трагите од „перењето мозоци“ дека постојат Македонци.
Пред само неколку дена и Коѕијас му се налути на Заев па му порача дека ќе го потегнел за уши преку НАТО, ЕУ и Нимиц, ако останел министер за надворешни работи на Грција, по ваквата изјава.
– Ќе го потегнев за уши на сите начини, и од НАТО, од Европската унија и од Нимиц. Нимиц се активираше и добро направи и го потсети дека прекршува две точки од Времената спогодба и од Договорот од Преспа. За тоа кој јазик ќе се изучува во Грција е во наша надлежност. Не е нивна работа. Треба да се промени и членот 49 од Уставот, вели Коѕијас.
За една недела речиси цел политички врв на Грција му испрати пораки на Заев, па македонската Влада повторно мораше да се извини поради Премиерот. Ова не е прво извинување од страна на македонската Владата. Пред неколку месеци веднаш по Илинден – откако Борисов го искара, Заев побрза да се извини за Иленденското востание.
-Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, се оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да се биде повнимателен – рече Борисов во август.
Премиерот Заев не почека ни еден ден, па експресно на Фејсбук се обрати на пријателите во Бугарија.
-Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство, напиша Заев на фејсбук.
Тогаш македонскиот премиер ги разгоре реакциите на бугарските официјални лица, откако изјави дека Илинденското востание е македонско.