Пред повеќе од 40 години од стеблото на брестот, изникнат во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица течело вода. Денес од огромното дрво со пречник од два метра, за кое се утврдило дека е старо осум векови според неговите прстени, останал само долниот дел и споменот на Светите Петнаесет.

Струмичани веруваат дека токму брестот и духот на заштитниците на градот ги чуваат од секакво зло. На заминување тие откинувале парче од кората од дрвото за да имаат среќа. Сега остатокот од брестот е заграден, а во негова утроба има кандила, икони и свеќници.

На празникот на заштитниците на градот-Светите Петнаесет, 11 декември, струмичани масовно ја посетуваат црквата, но и стеблото на брестот. Покрај присуството на црковните свечености, голем дел од нив, посебно повозрасните, се симнуваат до брестот и палат свеќи и оставаат пари. Посакуваат и на овој празник на градот духот на Светите Петнаесет и брестот-извор да ги чуват од секакво зло и нив и нивниот град.

-Од брестот, чии корени беа длабоко во земјата, постојано течеше вода. Не беше обилна, но и во зима и во лето постајано имаше водотек, вели отец Димитар Крцев, старешина на манастирскиот комплекс „Свети Петнаесет“.

Во 1976 година, кога почнале археолошките ископувања биле оштетени корењата на брестот и тој се исушил. Не се знае од каде доаѓала водата во брестот, бидејќи од страната каде се наоѓа старата црква, во која служеле „Светите петнаесет“ не можела да доаѓа. Се претпоставува дека таа доаѓа од горната страна, од повисокиот дел на тогашната црква, но тој никогаш не е испитан, бидејќи сега до ѕидините поминува пат и се изградени куќи.

-Брестот крие многу тајни, бидејќи до 1923 година сегашното место било парк за струмичани и место за одмор и прошетка. Имало огромни брестови и јавори и сите празници тука се одбележувале, посебно Велигден со ора и песни, раскажува отец Крцев.

Споменот за светото место, каде биле погубени Светите петнаесет свештеномаченици, бил обновен во 1932 година. На извесна струмичанка Афродита и се сонило како 15 луѓе бараат помош закопани во земја вертикално, а само главата и рацете од лактовите им биле надвор. Нејзиното барање го прифатил српскиот командант Мишковиќ, кој со својата војска почнал да копа. Но, само што пронашле темели со коски ја прекинале работата и го вратиле локалитетот во првобитната состојба. Со камен од селото Вељуса изградиле Параклис, за да можат струмичани да се молат и да палат свеќи.

Во Параклисот, кој и ден денес се користи, пишува: „Ова е за Светите 15 тивериополски свештеномаченици, посечени од цар Јулијан Апостота. Амин“.

Петнаесетте свештеници биле: Епископите Тимотеј и Теодор, монаси-проповедници Комасие, Евсевеи, Еротеј, Данил, Харитон, свештениците Петар, Јован,Сергеј, Теодор, Никифор,ѓаконите Василие и Тома и монахот Сократ. Тие биле ученици на Свети Павле и се погубени во ист ден. Најпрвин му ја отсекле раката на Петар за да се поколебат останатите и да се откажат од ширењето христијанство. Но, откако не се одрекле сите биле заклани.

Според преданијата, по три дена и три ноќи биле погребани во црквата која ја граделе самите свештеници. Единствено раката на Петар не била погребана, бидејќи на третиот ден била земена од слепородена жена, која веднаш прогледала и со останатите верници ја чувала со векови. Коските на сите свештеници биле пренесувани од едно на друго место и до денеска не им се се знаат гробовите. Раката на Петар се чува во специјално депо во истоимената црква „Свети Петнаесет“ во Кукуш, Грција. Раката, заедно со оригиналната икона на светците, Грците ја однеле од Струмица во 1913 година за време на балканските војни, кога градот бил изгорен. -До 1990 година имаме многу посетитили од Грција, најмногу од Кукуш и Солун. Тие масовно доаѓаа за нивниот празник Свети петнаесет, кој го празнуваат на 28 ноември, а ние на 11 декември. Во самостојна Македонија проретчија нивните посети, но тие што доаѓаат кажуваат дека сакаат да дојдат на вистинското светилиште, местото каде се погубени светците, додава отец Крцев. Со одлука на Советот на Општина Струмица во 1997 години 11 декември е прогласен за ден на заштитниците на градот. На овој ден традиционално се одржува свечена седница на Советот и се доделуваат годишни награди за постогнувања во повеќе области. Од март 2017 година во црквата се наоѓа и една од четирите копии на иконата на Богородица брзопослушничка, која е донесена тука од манастирот Дохијар од Света Гора. Поради тоа уште поголем број верници ја посетуваат црквата „Свети Петнаесет“ во Струмица за да се помолат пред иконата и да побараат помош од неа. Неодамна во манастирската црква „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ беше извршено Наречение на тринаесетиот владика на МПЦ-ОА, Епископ полјански Јаков. Ристо Тасев