Со финансиски средства обезбедени од турската владина агенција за развој ТИКА во валандовското село Казандол се гради нов објект на Подрачното основно училиште “Цветан Димов”. Градбата е почната пред 20-ина дена и стигната е до фаза на поставување кровна конструкција.
Од општина Валандово изразуваат здоволство од текот на работите и надеж дека со вакво градежно темпо ќе се запазат ветените рокови дваесетината ученици од почетокот на новата училишна година настава да следат во нова зграда која ќе им овозможи современи и безбедни услови за вршење на образовниот процес и рамноправност во инклузивноста на децата од турската етничка припадност.
Вредноста на објектот е предвидена на повеќе од 4 милиони денари, што заеднички го градат ТИКА и општина Валандово која на објектот треба да обезбеди електрични, водоводни и канализациски приклучоци и уредување на дворната површина.