Oпштините што имаат натрупано долгови во изминатите години на општинските веб страници ги објавија листите на фирмите и институциите на кои им должат. Општина Пробиштип, која пријави долг од 72.500.000 денари е најзадолжена општина во источниот регион. Овој долг на општината е заклучно до септември 2018 година. Листата на должници, која веќе е објавена на веб страницата е долга.

-Од 72,5 милиони денари очекуваме да се вратат од 36 до 40 милиони денари. Помошта која ќе ја добиеме од Владата ќе бидат на посебна сметка и тие се наменски само за раздолжување, вели Драган Анастасов, градоначалник на општина Пробиштип.

Од општините во источниот регион, Штип има пријавено најмал долг. Премиерот, Зоран Заев во неколку наврати изјави дека ќе постојат механизми, со кои општините понатаму нема да трупаат долгови. Механизмите се во делот на кроењето на буџетите, а за исплата на долговите предност ќе имаат фирмите и институциите, кои ќе се откажат од каматите и ќе дадат 15 отсто попуст на основниот долг кон општините. Инаку на сметките на општините треба да легнат 50 милиони евра за нивно раздолжување.

Општините преку дебати и со одлуки на Советите на Општините ќе одлучуваат на кои фирми и институции ќе им се исплатат долговите и јавно треба да бидат објавени на веб страниците по што ќе им ги трансферираат парите.