Во општина Берово се подготвува богата програма по повод новогодишните празници. Поголемиот дел од културните активности ќе се реализираат во соработка со училиштата, а неколкудневната програма ќе биде посветена на најмалите.
– Општината во соработка со Домот на култура и воспитно-образовните установи годинава решија да им дадат повеќе простор на најмалите кои ќе можат да проследат неколку концерти и театарски претстави со новогодишна содржина. За нас, најзначајно ќе биде одржувањето на завршниот новогодишен концерт на културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски“ на кој ќе го сублимираме сето она што го работевме во оваа 2018 година во која имавме неколку гостувања во земјава и странство. Се надеваме дека ќе ги задоволиме апетитите на родителите кои во рамки на завршниот новогодишен концерт ќе можат да видат што научиле нивните млади играорци, изјави директорот на Домот на културата, Звонко Скендерски.
Концертот на КУД „Димитар Беровски“ ќе се одржи на 21 декември во општинското средно училиште „Ацо Русковски“, по што на 25 декември, според предвидената празнична програма, ќе биде изведена театарската претстава „Новогодишна желба“ на театарот „Крик“. Новогодишна претстава за лицата со интелектуална попреченост и децата од предучилишна возраст и основните училишта ќе биде одржана и на 27 декември.
За новогодишната вечер на градскиот плоштад во Берово, општината подготвува неколкуминутен огномет, а празничните активности по повод Новогодишните и Божикните празници ќе завршат со мал божиќен концерт на 4 јануари и со мала Божиќна забава на која ќе настапи младата беровчанка Ангела Здравковска.