Околу 4500 кавадарчани и голем број правни субјекти изминативе години не плаќале данок на имот, нив воопшто ги немало во општинскиот систем за наплата. Со направеното ажурирање на даночните обврзници, како што рече градоначалникот Митко Јанчев, Кавадарци ќе има екстра приход следната година.
-Неправдата е минато и сега сите ќе плаќаат данок на општината, нагласи Јанчев.
Во јануари бил изготвен нов софтвер и се увиделе бројни пропусти. -Сега секој имот е евидентиран по катастарски парцели и по зони. Беа ажурирани и постоечките 8200 даночни обврзници. Беа и тука најдени големи пропусти. Имаше пријавено на пример 200 метри квадратни, а реалниот имот е многу поголем. Без покачување на данокот на имот, Кавадарци ќе добие дополнителни средства од 20 милиони денари, само со направените ажурирања на базата на податоци, рече Јанчев и информираше дека дополнителни пари во општинската каса ќе влезат и од над 5000 граѓани кои побарале легализација на дивоизградени објекти и досега не плаќале данок.